Стефан Стефаноски, САД

Стефан Стефаноски, САД

„Мојата порака до сите Македонци низ светот е да останат Македонци, да го пренесуваат македонизмот на своите потомци и да бидат горди кога се декларираат како Македонци. Нашето културно наследство, нашата борба на вистинската страна на историјата и нашиот идентитет и менталитет се нашата лична карта, која што многумина можат да ја негираат, но не можат да ја избришат. Да си ја учиме историјата, да си ја спознаеме вредноста, да се гордееме со македонската култура и да го предадеме македонското наследство на оние по нас. Колку понекогаш и да изгледа борбата тешка, а победата невозможна, никогаш да не заборавиме дека Македонија го очекува тоа од нас. Да се биде Македонец не е само чест, туку и обврска да ја чуваме Македонија“.

Со овие зборови охриѓанецот Стефан Стефаноски, професор по физика на Бенедиктинскиот универзитет во Чикаго, им се обраќа на сонародниците во татковината и насекаде во светот. Најдобар студент на генерацијата 2005 на Природно-математичкиот факултет во Скопје со просек 9,90 на студиите по применета физика, област во која докторира на Универзитетот на Јужна Флорида во Тампа, каде што во 2012 година го добива признанието за најдобра докторска дисертација, од следната година стипендист и постдокторант на Карнеги институтот за науки во Вашингтон, работел и како визитинг-професор по физика и инженеринг на обновливи извори на енергија на Орегон институтот за технологија во Портланд, се дел од референците што го портретираат.

„Мојата научна работа е во сферата на обновливите извори на енергија, посебно конверзијата од топлинска и соларна во електрична енергија. Во моментов работам проект што има цел дизајнирање и инсталирање соларен систем на клиника во состав на манастирот Света Гертруда во Имиливаха во Танзанија. Таргет локации за ваквите системи се недоволно развиени земји што имаат соларен потенцијал и во кои енергијата од нафта или од гас и недостапна или премногу скапа. Друг аспект од мојата научно-истражувачка дејност е дизајн и карактеризација на системи за чување енергија, на пример батерии. Сум бил консултант на приватна компанија што работи на развој на нова генерација батерии за разновидни апликации, вклучувајќи и електрични автомобили. Соработувам со национални лаборатории во САД и во светот на проекти поврзани со батерии, како што се Аргон националната лабораторија во Чикаго и Луксембуршкиот институт за науки и технологии. Во фокусот на мојата научно-наставна активност е истражување на современи и иновативни методи на учење физика, вклучувајќи методи на активно учење со цел стекнување знаење во функција на практични апликации и иновации“, објаснува Стефаноски.

И покрај многуте обврски, тој наоѓа време за посета на родниот крај заради полнење на батериите.

„Македонија е мојата татковина, мојата втора мајка која ме направила човекот што сум денес. Таму сум пораснал и сум ги стекнал сите вредности на кои сум горд. Во Охрид живеат моите родители, кои ги посетувам секоја година. Често престојувам во Македонија во период и по неколку месеци годишно. Во 2000 година како капитен ја предводев екипата на Црвениот крст од Охрид на Европското првенство во прва помош во Нотвил, Швајцарија, и тоа беше моето прво искуство како претставник на својата татковина на меѓународна сцена. Ја познавам историјата на Македонија и сум нејзин горд промотор, меѓу другото и преку мојата научна работа, како и преку македонскиот фолклор и кулинарство“, додава македонскиот физичар и експерт за обновливи извори на енергија.

#МакедонцитеВоСветот