Славче Таневски, Германија

Славче Таневски, Германија

„Пораката до сите Македонци низ светот е да бидат поединствени и посложни, бидејќи само така ќе можат да му се спротивстават на општото негирање на нас како народ. Што поуспешни поединци, толку посилен ќе биде гласот против тие што не го признаваат нашето постоење. Да бидат верни на традицијата, да ги чуваат семејните вредности и да не забораваат од каде доаѓаат. Само со искреност, напорна работа и обединување во идејата може да се успее“, вели Славче Таневски, професионален дизајнер на екстериер во автомобилскиот гигант „Мерцедес“ и борец за македонската кауза од Германија.

Роден во Свети Николе, пораснат во Скопје, по завршувањето на средното образование во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ го продолжува школувањето на Факултетот за дизајн во Минхен, каде што работи на проекти заедно со водечки фирми од автоиндустријата, како „Ламборгини“, „Порше“, „Мерцедес“, БМВ, „Фолксваген“ и други. Првиот професионален ангажман го има како дизајнер во MINI во третиот и во четвртиот семестар од студиите. Петтиот семестар задолжителната пракса ја поминува во главното дизајнерско студио на „Мерцедес“ во Синделфинген. Во шестиот семестар паралелно со студиите работи како графички дизајнер. При последниот, седми семестар, ја изработува својата дипломска работа „Aria Swanwing“ повторно во „Мерцедес“, каде што веднаш потоа и се вработува.

„Околината, воспитувањето и културата најголем импакт во животот на човекот имаат додека тој е дете, додека го осознава светот и додека учи. Секако дека македонската култура има влијаено на мојата перцепција за светот и општо за разбирањето и доживувањето на естетиката. Фактори со кои директно работам во секојдневието при креирањето на автомобилите. Секако, приватно сум поврзан со родителите, роднините и пријателите, па речиси секој втор месец ја посетувам татковината. Горд сум што сум Македонец и се обидувам на најдобар можен начин да ја претставам мојата нација и да се борам против неправдите кои ѝ се нанесуваат“, нагласува Таневски, според кој македонската дијаспора во Германија може и треба да функционира на повисоко ниво.

„Македонската заедница во Германија е поврзана на неколку нивоа. Најактивно преку Фејсбук-групи, каде се разменуваат искуства и се решаваат проблеми со кои се соочуваат нашинците, се договараат заеднички патувања за Македонија и слично. Има и македонски клубови, ресторани. Секако, црквата и празниците се тука да спојат. Но, нивото на конекција може да биде подобрено“, смета Таневски.

Во досегашната кариера има дизајнирано повеќе автомобили од сериско производство како GLC Coupe, CLA Coupe, CLA Shooting Break, Б-класа, концептното возило EQA за „Мерцедес“, како и многу проекти за старт-ап компании како фриленсер. Добитник е на многу награди од неговата област, како и признание од Обединетата македонска дијаспора како еден од 40. најуспешни Македонци помлади од 40 години. Учесник на многу меѓународни конференции и работилници за автомобилски дизајн. Има академски ангажмани на Факулетот за дизајн во Минхен и во повеќе образовни институции во Кина.


#МакедонцитеВоСветот