Жаклина Михајлова, Австралија

Жаклина Михајлова, Австралија

Тензиите во македонското национално ткиво во татковината по промената на името на државата ги чувствуваат и Македонците во Австралија, но таму нема јавна промоција на „северозабеганите“ или „северјани“, како што ги нарекува македонската активистка Жаклина Михајлова.

„Ние сме Македонци и никој нема право да ни ги наметне идеите на северозабеганите. Ќе помине и оваа корумпирана лакрдија и јас длабоко верувам дека Македонија ќе си остане на Македонците. Ние овде, во Австралија, на пример, немаме јавни северјани. Националното радио СБС, кое има програма на македонски јазик, никогаш и никаде не ја спомнува придавката ‘Северна’. Значи, програмата е на македонски јазик, за Македонците од Македонија. Владата на Нов Јужен Велс направи нов наставен план и програма по македонски јазик и секаде во него стои дека е македонски јазик, кој се зборува во Македонија и во соседните држави и секаде каде што живеат Македонци. Откако Амбасадата предаде акредитивни писма до австралиската Влада, во кои им кажува дека го сменила името на државата, никој и не комуницира со луѓето што се вработени во Амбасадата и не се поканети и добредојдени на никакви свечености во македонската заедница. Затоа им порачувам на сите Академици, доктори на науки низ светов, да прават истражувања и да најдат начин во истражувањето некако да ја споменат Македонија. Од тие причини, од патриотски причини, и јас запишав докторат, односно ќе ги истражувам Македонско- австралиските културни врски. Додека нѐ има низ светов, додека оставаме дела на македонски или на некој друг јазик каде што зборуваме за Македонија – постоиме“, вели задолжената за култура во Австралиско-македонскиот совет за Нов Јужен Велс.

Како авторка на 19 издадени книги и членка на Друштвото на писателите на Македонија и на Писателската асоцијација на Австралија, Михајлова е активно вклучена во манифестациите преку кои Македонците на петтиот континент го негуваат својот идентитет.

„Македонската заедница во Нов Јужен Велс, но и во цела Австралија, е компактна и организирана. Веќе 23 години се обидуваат да нè растурат преку владиките и црквите, ама чесните Македонци успеваат да си го сочуваат македонското. Културно-уметничките друштва се полни со играорци, а преполни со членови и со активисти се и македонските пензионерски, социјални и културни асоцијации. Сите тие прават свои специфични забави, како Битолски бал, Илинденско средсело, Бабари, игранки, добротворни забави за донации на средства со кои им се помага на заболени во Македонија… Македонскиот просветно училишен одбор за НЈВ организира неколку мега настани за промоција на македонскиот јазик: ‘Зборувајте македонски во март’, Академија на Свети Кирил и Свети Методиј, на која се доделуваат награди за најдобрите ученици по македонски јазик, натпревар по рецитирање на македонски јазик и годишен концерт на сите ученици по македонски јазик, Матурска вечер, на која се чествуваат учениците кои до матура го изучуваат македонскиот јазик… На оваа свеченост се доделува и еден билет за Македонија за најсреќниот матурант, како мотивација да се поттикнат повеќе ученици да го изучуваат јазикот. Во Нов Јужен Велс постојат две аматерски македонски театарски групи кои прикажуваат социјални претстави на македонски јазик. Има дваесетина македонски радија, но за жал телевизијата на македонски јазик згасна. Сепак, имаме интернет ТВ-канал, на кој можат да се видат актуелности од заедницата. Постои Македонски телефонски именик, кој секоја година им се дели бесплатно на Македонците како водич низ македонската заедница. Минатата година, како дел од светската организација на протести ‘Ние сме Македонија’, во Сиднеј се случи народ, односно се излеаја повеќе од 30 илјади Македонци низ улиците и црвената боја и светлото сонце му покажаа на светот дека Македонците постојат“, додава претседателката на Македонскиот просветно-училишен одбор за Нов Јужен Велс, под чија закрила работат сите македонски етнички училишта во кои се изучува македонскиот јазик.

Михајлова истакнува дека Македонците во Австралија се чесни работници и има позитивни примери на луѓе кои се вратиле во Македонија и веќе инвестирале и живеат таму. Така беше до пред неколку години.

„Има и други Mакедонци подготвени да инвестираат. Во Севернава, се разбира, никој не сака да вложува капитал. Луѓето чувствуваат дека оваа корумпирана, скромноумна власт ќе им го испусти вложеното, исто како што испусти сѐ што е македонско досега“, вели таа пред да ја упати пораката до сонародниците.

„Живееме во век на искушение, но со љубов кон своето, кон светото, можеме да ја победиме секојдневната ни ‘офтика’. Сега е момент за културно и духовно обединување на Македонците од целиот свет. Тоа може да се постигне само со негување љубов кон македонските корени. Едноставно, треба да се свртиме секој кон самите себе си и да си кажеме дека се сакаме, дека имаме гени кои сите ги посакуваат, дека македонските корени ни се светост. Решението за нашата моментална метастаза се верата, надежта и љубовта во себе си, во македонското во нас“, порача Жаклина Михајлова, борец за македонската кауза од Австралија.

#МакедонцитеВоСветот