Игор Механджијски, Германија

Игор Механджијски, Германија

Игор Механджијски има споено две работи што наизглед немаат ништо заедничко: тетовирање и пирсинг со борбата за македонската кауза.

„Пред сè, би сакал да се заблагодарам за оваа можност да се претставам, воедно и да ги опишам личните заложби за нашата татковина Македонија. Жал ми е што повторно како народ дојдовме до момент кога треба да преживуваме нова голгота. По 75 години мирен живот, 25 години независна држава, ние, за жал, денес и во последните три години Македонија ја гледаме разорена, поделена, обезличена, вазалска и нефункционална. Жал ми е мајко Македонијо што немавме сила да те одбраниме од ова зло, но ние не се предаваме!“, вели сопругот и татко на три деца, прв професионален и меѓународно сертифициран тату и пирсинг артист од Македонија, сопственик на студиото „Скин арт“, кое се наоѓа во Скопје, а и во Германија.

Механджијски поголемиот дел од работното време го поминува во европските земји, застапувајќи ја Македонија како претседател на Алијансата на професионални тату и пирсинг артисти во Македонија, но наоѓа време и за својата втора страст – татковината.

„Покрај уметноста, познавањето на граѓанскиот активизам го користам за овозможување мојот вечен сон да стане јаве – сонувам за семакедонско обединување, кое, според мое убедување, би довело до силна и просперитетна Македонија. Горди и просперитетни генерации Македонци, кои би уживале во сето добро кое мајка Македонија ни го нуди. Македонија е нераскинлив дел од мене, моја љубов, мој свет, а како и на секој Македонец, мое минато, сегашност и моја иднина. Иако сум сè повеќе ангажиран во Европа, сепак, моето живеалиште, моето семејство и мојата иднина остануваат во Македонија, поточно во Куманово и во Скопје. Поголемиот дел од својот живот работам надвор од Македонија, живеев и работев повеќе од четири години во САД, речиси 10 години во Европа, но сè уште не се осудувам да се преселам и да кажам дека повеќе не живеам во Македонија“, додава човекот што над 25 години се занимава со тетовирање, кој во моментов престојува во Германија и голем дел од своите работни активности ги остварува во Бремен.

„Активно работам како граѓански активист и уметник на повеќе проекти и гордост ми е што можам да се пофалам со последниот успешен проект во кој учествував како дел од македонската дијаспора во Германија – Централен совет на Македонците во Германија. Оваа организација е замислена да се грижи за духовно, културно и економско обединување на Македонците во Германија. Почетокот е секогаш најтежок, но конечно Македонците имаат организација која пред сè ке ги обедини на територијата на цела Германија, а со тоа ќе се отвори и врата да се обединиме под едно организациско тело во цела Европа како следен чекор. За Македонците во Германија имам само највисоко мислење – љубовта кон Македонија на луѓето кои со генерации се одделени од родната земја ме одушевува и ми дава сила лично да се ангажирам на секое ниво за помош на моите браќа и сестри Македонци, со што директно, заедно, сплотени ѝ помагаме на мајка Македонија“, во патриотски дух продолжува македонскиот активист, пред своите заложби да ги сублимира во порака до сонародниците.

„Познавајќи и соработувајќи со голем дел од Македонците кои живеат низ светот, знам дека ние, оваа генерација на Македонци, веќе си поставивме задача да го прекинеме моментумот на одродување. Живееме во 21 век, во кој технологијата ни овозможува сè повеке да ги зацврстуваме врските меѓу сите нас каде и да се наоѓаме низ светот. Сите ние имаме една иста судбина, а таа е Македонија, таа е ѕвездата-водилка на сè она што нам, а и на следните генерации Македонци, ни се случува. На нас е да застанеме цврсто, да засукаме ракави и да покажеме дека ние Македонците можеме, можеме да се обединиме, бидејќи само со наш заеднички напор нашата ѕвезда-водилка ќе свети најсилно не само за нас, туку и за сите идни генерации Македонци. Нашата иднина е наша, па како ќе ја насликаме ние, така ќе ја уживаат сите Македонци денес, а и сите Македонци кои доаѓаат по нас“, порачува Механджијски.

#МакедонцитеВоСветот