Живе Латиновски, Канада

Живе Латиновски, Канада

Роден во семејство на стари скопјани со книга во која водат евиденција за сите семејни поколенија во последните 700 години, во кое се вкоренети почитта, довербата, меѓусебното разбирање и љубовта кон блиските и кон татковината. Средно образование завршил во САД, Економски факултет во Канада. Жител на Торонто, вработен во Центар за енергетика, претседател на Македонското патриотско здружение „Андон Лазов Јанев – Ќосето“ од Канада.

Накусо, ова е портретот на Живе Латиновски, кој себеси се претставува како „лојален граѓанин на Канада, истовремено патриот и борец, со чисто срце и образ, за подобро утре на Македонија и на македонскиот народ“.

„Македонија е мојата душа. Во Македонија е моето семејство. Додека бев помал татко ми секогаш ми велеше: ‘Еден ден, каде и да си, со кого и да си, не заборавај си го коренот и, колку и да те изневериле, помогни му на својот народ, помогни ѝ на својата татковина’. Тоа ми остана како аманет и така до ден денес потребite на нашите луѓе се моја обврска и должност да се погрижам за нивната среќа и насмевка“, вели македонскиот активист во земјата на јаворовиот лист.

„Во Канада имаме голем број друштва во градовите и во селата, патриотски здруженија и организации, но сите заедно функционираме со подадена рака и обединети. Организираме манифестации каде што се претставуваат македонската историја, култура, традиција и јазик. Во македонските цркви ги одржуваме православните традиции и обичаи за време на празниците. Имаме работни и образовни центри во кои нудиме проекти за новодојденците во Канада. Му помагаме на секој новодојден Македонец полесно да се вклопи во општеството, иако на сите не ни е лесно, особено поради мислата дека илјадници километри нè делат од Македонија“, додава тој.

„Не прашувај што направила државата за тебе, туку што си направил ти за државата“ е мислата-водилка и на Латиновски.

„Убаво е секој да посети некоја дестинација во светот, да види, да научи, да осознае и да направи разлика, план и стратегија како тоа утре би се имплементирало во нашата земја, со цел да донесе развој во сите сфери на општеството. Работете, патувајте, спортувајте, сакајте се, помагајте си, да кружи меѓу нас позитивна енергија, да бидеме нација за пример во светот!“, порачува и посакува борецот за македонската кауза од Канада.

#МакедонцитеВоСветот