Горан Чобановски, САД

Горан Чобановски, САД

Македонскиот стилист од САД, битолчанецот Горан Чобановски, зборува за сопственото животно искуство отаде „големата бара“, за врските со татковината, за Македонците во Чикаго и за новото лице на македонската заедница во американското општество.

„Живеам во Чикаго од 2001 година. Три години пред тоа добив зелена карта и следната година се доселив во САД. Имав голема поддршка од Македонците во Рочестер, Њујорк, па прилагодувањето ми беше лесно. На 22 години сите тешкотии што ги носи имиграцијата во нова средина ми изгледаа како авантура, можеби дека сакам предизвици. Веќе 15 години сум сопственик на фризерски салони во Чикаго и работам како стилист. Заедно со тимот на стилисти и соработници создадовме препознатлив бренд во индустријата за нега на косата и за мода воопшто. „Goran Coban Beauty“ е дестинација за илјадници клиенти во Чикаго. Успехот е плод на макотрпна работа, а силата ја црпам од моето прекрасно семејство“, вели битолчанецот, кој не ја заборава родната грутка.

„Конекцијата со Македонија е силна. Постои таа невидлива врска за сите имигранти, без разлика од која земја се доселуваат во САД. Тоа е така бидејќи корените ни се таму, а гранките и лисјата тука. Често во Македонија ни забележуваат дека сме премногу патриотски настроени, но само тој што ги оставил своите најблиски и гробовите на своите предци може да ги има нашето чувство и силата на нашите емоции кон родниот крај. Секако дека денес е полесно поради непречената комуникација и достапните авиолетови“, објаснува успешниот Македонец од Америка, пред да се осврне на состојбата со македонската заедница во светската суперсила.

„Македонската заедница во овој дел на САД е комбинација на одамна доселени семејства што си ја негуваат македонската култура и нови млади доселеници. Таа комбинација е доста вибрантна – луѓе кои се веќе остварени во своите бизниси или високо образовани со кариери и млади доселеници, кои се амбициозни и креативни, со големи очекувања од новата средина. Со гордост ќе кажам дека нашите луѓе се способни и успешни. Сите гравитираме околу нашите цркви, три во нашата средина, и тука сме сплотени. Во последните десет години се организираа и отворија неколку македонско-американски непрофитни организации, кои ја промовираат македонската култура, испраќаат хуманитарна помош во Македонија итн. Во секој случај има потенцијал за да се направи повеќе и јас сум оптимист во тој правец“, нагласува Чобановски, кој во следната деценија очекува македонската заедница во САД да покаже ново лице.

„Македонците во САД и во Канада се работливи луѓе, кои придонесуваат и тука и за Македонија. Тие ја ценат и ја прифаќаат американската култура, ги почитуваат американските животни принципи и се активни во речиси сите општествени сфери. Со нескромното помагање на своите блиски придонесуваат и во македонската економија. Како индивидуи и семејства сметам дека сме многу функционални и тоа треба да го развиеме и на ниво на заедница. Со формирање непрофитни организации во секоја средина во која живеат повеќе Македонци можеме да си помагаме едни на други, да создадеме силна комуникација и да влијаеме на политичките претставници од нашите реони во локалната, државната и федералната админисгтрација. Како заедница, можеме да профункционираме на повисоко ниво, што ќе ни отвори нови можности. Времето е созреано и мислам дека следнава декада ќе го видиме новото лице на македонската заедница во САД. Тоа е природен пат на општествена и на социјална еволуција за сите, па и за Македонците тука“, уверен е македонскиот стилист од Чикаго.

#МакедонцитеВоСветот