Борче Величковски, Србија

Борче Величковски, Србија

Како што неговите сограѓани од српска националност се водат од максимата „само слогата Србинот го спасува“, така и македонскиот активист од Србија, Борче Величковски, смета дека Македонците можат да си го зачуваат идентитетот само сложни, сплотени и единствени.

„Најголемата цел на македонските организации и поединци во светот треба и мора да биде зачувувањето на националниот, културниот, јазичниот, верскиот, општествениот, историскиот и секој друг вид колективен идентитет на македонскиот народ и на индивидуалниот идентитет на секој негов поединец. Оваа цел можеме да ја оствариме само доколку сме сложни, сплотени и единствени. А тука сме најранливи. Затоа, мораме да работиме на себе си и на подигањето на нашата свест, на промена на нашите навики и на врежаните стереотипи. Треба да се поврзуваме и да градиме заеднички стратегии. Само заедно можеме сè“, нагласува човекот-синоним за организираното дејствување на македонската заедница во некогашната југословенска република, роден во 1973 година во Крива Паланка, од каде што осум години подоцна со мајка му се преселиле во Јабука.

Најголемите успеси во заедничката борба за остварување на правата и за подобрување на положбата на Македонците во Србија е воведувањето на македонскиот јазик во службена употреба во Јабука, Пландиште и Качарево, потоа воведувањето на предметот „македонски јазик со елементи на националната култура“ во образовниот систем на Србија и неговото изучување во 10 училишта во моментот, како и воведувањето на Македонците во Статутот на Автономната покраина Војводина како конститутивен народ, а не како останато малцинство. Заслугата за тоа ја имаат Националниот совет на македонската заедница во Србија и Величковски како негов претседател.

„Едно време бев и на функцијата претседател на Координацијата на сите национални совети на националните малцинства во Србија (вкупно 23) и претставував околу милион и триста илјади припадници на националните малцинства во Србија“, вели Македонецот одликуван со медал за заслуги за Македонија од поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Високото признание од матичната држава беше награда за широкиот спектар активности во рамките на Националниот совет формиран како резултат на советувањето на припадниците на македонската заедница во Србија на 26 декември 2004 година. Основани се 31 здружение, потоа Македонски информативен и издавачки центар, кој ги објавува информативната ревија „Македонска виделина“, списанијата за деца „Sуница“ и за култура и уметност „Видело“, како и преку 120 наслови на македонски и на српски јазик, па Национален ансамбл за народни песни и ора „Тоше Проески“, Форум на млади Македонци, Друштво на интелектуалци Македонци „Лоби клуб“, Фондација на македонската култура „Македонско сонце“, Друштво на новинари Македонци во Република Србија „Мак-инфо“, Друштво на ликовни уметници, Централна библиотека на македонски јазик, покренати се и емисии на РТВ Војводина, РТВ Панчево, РТВ Дунав и РТВ Врање. Меѓу низата организирани манифестации најпозната е Денови на македонската култура во Република Србија „Себеси во поход“, прифатена како манифестација од значење за АП Војводина и за Р. Србија, спроведен е проектот „Седумдесет години од доселувањето на Македонците во Војводина“ и по тој повод е снимен документарниот филм „Плодови на еден даб“, а 120 студенти-стипендисти Македонци од Србија се испратени на студирање во татковината.

#МакедонцитеВоСветот